22 Јуни 2023
Со буџет од над 4,5 милиони евра предвидени се реконструктивни активности во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата.
– Градежните активности предвидуваат подобрување на условите за настава, подигнување на енергетската ефикасност на објектите, како и унапредување санитетско – хигиенските услови и пристапноста на објектите за учениците и лицата со попреченост, соопштуваат од МОН.
Од Министерството известуваат дека една од покрупните инвестиции ќе се реализира во основното училиште „Мирче Ацев“ во село Лажани во општина Долнени, каде ќе се изврши реконструкција на кровот, фасадата, санитарните јазли, а ќе се поставуваат и пристапни рампи за учениците и лицата со попреченост.
Слични активности, како што најавуваат од МОН ќе има и во „Васил Главинов“ во Чаир, „Форино“ во Гостивар, „Ристе Ристески“ во дебарско Могорче, ООУ „Св. Наум Охридски“ во селото Пештани кај Охрид и „Елпида Караманди“ во Битола.
Темелна реконструкција ќе се изврши во кичевското основно училиште „Мирко Милевски“, која е веќе започната, а ќе се заокружи кон крајот на тековната година. За крајот на тековната година е планирано и да се ќе заврши реконструкцијата на дел од објектот на средното техничко училиште „Гостивар“ каде се сместени работилниците и просториите за кабинетска настава.
Исто така, за време на летниот период, додаваат од МОН, ќе започне и санацијата на кровот, внатрешните ѕидови, плафони и осветлувањето во основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ во Куманово. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива